Резултати од евалуацијата на Europass
Европската комисија ја заврши евалуацијата на Europass, со која се оценуваше успехот на оваа иницијатива на ЕУ, а меѓу другото, се одговори и на следните прашања:
Дали Europass ги исполни своите цели?
Како алатките и услугите на Europass се надополнуваат меѓусебно?
Колку добро Europass функционира со другите иницијативи на ЕУ во областа на вештините, квалификациите и вработувањето?
Дали Europass одговара на постоечките и идните потреби на корисниците и засегнатите страни?
Како Europass прави разлика и за кого – која е нејзината додадена вредност на ниво на ЕУ и на национално ниво?
Процесот на евалуација беше поддржан и од јавноста каде што беа добиени 1920 одговори, анкети со корисници, лица кои не се корисници и засегнати страни, темелни интервјуа со засегнати страни, квалитативни набљудувања и друго. Резултатите од евалуацијата беа неодамна објавени, а тука може да се најдат некои од клучните наоди:
Со евалуацијата беше заклучено дека Europass е корисна алатка за претставување на Вашите вештини и квалификации пред потенцијални работодавачи и даватели на услуги за образование и обука (универзитети, институти за стручна обука итн.). Платформата е особено популарна помеѓу млади луѓе кои бараат работа или образование, вклучувајќи ги и земјите надвор од нивната татковина.
Луѓето сакаат да го користат Europass бидејќи им помага да ги претстават нивните искуства и квалификации на начин кој што е лесно разбирлив во цела Европа. Корисниците бараат повеќе информации за можностите за работа, селењето во други земји на ЕУ заради работа и учење, за вештини кои се бараат на пазарот на трудот, квалификациите и насоки за кариера.
Евалуацијата потврдува дека поврзувањето на Europass со други платформи како EURES, која им помага на луѓето да најдат работа во цела Европа или други иницијативи на ЕУ и национални услуги кои нудат слични услуги, може да ја направат дури и уште покорисна.
Во иднина, Europass ќе вклучи и други услуги кои ќе им дадат дополнителна сила на нејзините корисници и засегнати страни, како што се моментално достапните европски дигитални акредитиви за учење или алатката за трендови во професиите и вештините. Europass, исто така, ќе ја истражува и употребата на најновите технолошки напредоци и прегледи на податоци за да им овозможи на корисниците да добиваат повеќе персонализирани предлози, со што истата ќе стане уште покорисна.